МОМЕНТАЛНИ АКЦИИ

Услугата за достава е достапна само во Скопје и истата е бесплатна со нарачка над 1.000 денари

Најчести болести на простатата

Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска

интернист-нефролог

ПЗУ Зегин Интермедика

Има три различни типови на болести на простатата. Овие болести имаат заеднички симптоми но различни причини за настанување и затоа се многу важни редовните прегледи. Се препорачува редовен преглед за мажите над 50 годишна возраст еднаш годишно. Ако постои фамилијарна историја за канцер на простата редовните годишни прегледи треба да почнат од 40-тата година.

Добро е да се знае дека една состојба не води до друга. На пример, простатитисот или зголемената простата не го зголемуваат ризикот за канцер на простата.

Симптоми на болести на простатата:

  • честа потреба за мокрење
  • ноќно мокрење
  • болно мокрење
  • болна ејакулација
  • крв во урина или сперма
  • капење на урина
  • болка во долен дел од стомакот, во долен дел на грбот

Бенигна простатична хиперплазија (БПХ) е не-канцерогено зголемување на простатичната жлезда која зафаќа околу 50% од мажите на 50-60-тата годишна возраст, над 70% од мажите над 60 години и околу 80% над 70 години. Симптомите вклучуваат потешкотии врзани со мокрењето, ургентност за мокрење дури и кога бешиката е празна, често мокрење, особено ноќе (никтурија), слаб или испрекинат млаз, чувство на недоизмокреност, терминално капење.

Простатитис е воспаление на простатата, акутно или хронично. Може да е предизвикан од бактериска инфекција. Постои оток на простатата, болка и нелагодност во долен дел од стомакот, на перинеумот и во скротум. Се јавува кај мажи на секоја возраст, се јавува и кај мала и кај зголемена простата. Симптомите се слични како кај зголемена простата: често мокрење, потешко празнење на бешиката. Дополнително може да се јави треска, температура, болно мокрење.

Точната причина за хроничниот простатитис не се знае, во повеќето случаи не се наоѓа инфекција, се смета дека се работи за инфламација на простатата или нервите во таа регија.

Канцер на простата е втор водечки канцер кај мажите како причина за смрт. Со редовни контроли најчесто се дијагностицира додека е локализиран во простатата, пред да се прошири, пред да метастазира. Ако рано се дијагностицира и третира исходот генерално е добар. Симптомите вклучуваат отежнат почеток на мокрење, честа потреба за мокрење, особено ноќе, неможност за мокрење, тенок млаз, болна ејакулација, крв во урината или спермата, болка во мала карлица или долен дел од грбот.

ПСА (простатичен специфичен антиген) тест примарно се користи за скрининг за канцер на простатата. ПСА е протеин кој го создаваат и канцерогени и неканцерогени клетки во простатата. Најмногу го има во спермата која се создава во простатата. Мала количина ПСА циркулира во крвта. Високо ниво на ПСА може да значи присуство на канцер на простстата но и зголемена простата и воспаление на простатата може да предизвикаат зголемување на ПСА. ПСА тестот е само една од алатките за скрининг за рани знаци за канцер на простата.